Во најновиот извештај на Фридом хаус објавен денеска насловен „Слобода на печатот 2017“ Македонија е единствената земја од Балканот која е рангирана како „неслободна“. Другите земји од регионот се во групата на „делумно слободни“ со забелешка дека во минатата година „остар пад“ во медиумската сфера имало во Србија. Во извештајот во кој се опфатени 199 земји се наведува дека само 13 насто од светската популација живее во земји со слободни медиуми, 42 процента во земји со делумна слобода, додека 45 насто во земји кои намаат слобода на печатот. Фридом хаус предупредува дека кога медиумите се напаѓани од политички лидери во Соединетите држави, камен темелникот на глобалната демократија, тоа ги охрабрува владите во светот да го прават истото. Слична загриженост за зголемените закани против медиумите и новинарите во светот деновиве дојде и од Комитетот за заштита на новинарите и од Репортери без граници во нивните извештаи пред Светскиот ден на слободата на печатот на 3 мај.