Полицијата го испразни Собранието, 45 повредени во насилствата

Полицијата вечерва ја испразни собраниската зграда. Светлата во законодавниот дом се изгаснати. Пред сите влезови има припадници на полицијата, а околу Собранието се поставени метални барикади. Пред собранието остануваат демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“. Тие претходно ја окупираа собраниската зграда, тепаа пратеници и новинари и кршеа инвентар и опрема.

МВР соопшти дека се врши проверка на работните простории во Парламентот за евентуално останати лица на кои им е потребна медицинска помош, како и утврдување на бројот на повредени примени во болниците и за нивната здравствена состојба.

Вкупно 45 луѓе, меѓу кои тројца полицајци и обезбедување, се примени вечерва во Градската болница во Скопје, изјави за МИА директорката на таа јавна здравствена установа Јасминка Чабуковска. Таа рече дека четворица од нив се задржани на натамошно лекување. МВР соопшти дека се проверува дали има и други повредени.