Осуда за денешниот напад и порака дека насилството во Собранието е неприфатливо упатија шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и европскиот комерсар за проширување Јоханес Хан во заедничко соопштение. Могерини и Хан порачаа дека е неопходно смирување и воздржаност и побараа Министерството за внатрешни работи и полицијата да ја осигураат безбедноста на Парламентот и пратениците.
„Министерството за внатрешни работи и полицијата мора да ја осигураат безбедноста на Парламентот и неговите членови. Демократијата мора да истрае. Европската унија е уверена дека политичкиот дијалог во институциите е единствениот начин да се оди напред и ги повикуваме сите политички актери да го почитуваат Уставот на државата и да се однесуваат во духот на демократските принципи, пристојноста и здравиот разум“, се вели во заедничката изјава.
Могерини и Хан посочуваат дека е позитивен изборот на Талат Џафери за нов спикер на парламентот и порачуваат дека Европската Унија е подготвена да работи со македонскиот парламент за неопходните рефоми со цел државата да напредува за нејзината европска интеграција.