Повредени пратеници, откако демонстрантите го запоседна Собранието

Демонстранти упаднаа во Парламентот

Џафери е нов претседател на Собранието. Демонстрантите од „За заедничка Македонија“ го запоседнаа Собранието. Дел од пратениците од парламентарното мнозинство се повредени, а амбасадорите повикуваат насилството да запре.

Пратениците од парламентарното мнозинство во тензична атмосфера го изгласаа Талат Џафери за претседател на Собранието, по што демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“, влегоа во Собранието.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев и потпретседателот на партијата Дамјан Манчевски се повредени, откако дел од демонстрантите упаднаа во прес-салата на Собранието и ги нападнаа. Дел од телевизиските камери го прикажаа Заев со крваво чело. Нашите репортери јавуваат за повредени пратеници.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се во пленарната сала која е полна со демонстранти. Телефонските и интернет врски во Собранието се со пречки.

Демонстрантите велат дека ова сега е Народно собрание и дека тие нема да си одат од таму. Ја пеат химната, извикуваат „Македонија“ и „Избори“, а пеат песни со навредлива содржина за Албанците.

На сето ова му претходеше изборот на Џафери за претседател на Собранието. Додека пратениците од парламентарното мнозинство гласаа, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ извикуваа „ова е пуч“. Тие ја окупираа говорницата, па изборот на претседател се изведуваше на среде сала. Пратеници му честита на Џафери за изборот за претседател, по што тој положува заклетва.

Претходно, во 20 минути пред 18 часот, пратениците на СДСМ станаа од собраниските столчиња барајќи да се гласа да се продолжи седницата и по 18 часот и да се гласа за преминување на наредната точка од дневниот ред - избор на претседател на Собранието. Пратениците од СДСМ потоа ја запеаја македонската химна, по што и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ станаа од столчињата и им се придружија во пеењето на химната.