Заев - Мнозинството ќе носи одлуки, ако треба и надвор од Собранието

Лидерот на СДСМ Зоран Заев зборува во парламентот

Претседателот на СДСМ Зоран Заев од собраниската говорница побара од претседавачот со конститутивната собраниска седница Трајко Вељаноски да дозволи да се гласа за поминување на наредната точка од дневниот ред – избор на претседател на Собранието. Тој побара од Вељаноски да не го крши деловникот, законот и Уставот на Република Македонија.

„Ова мнозинство овде има право и обврска да избере претседател на Собранието од своите редови и за тоа ќе носи одлука, ќе носи одлука во оваа сала, ќе носи одлука во некоја од другите сали во Собранието, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правниот факултет, во МАНУ, ќе носи одлука“, рече Заев од собраниската говорница.

Вељаноски рече дека и да се премине на четвртата точка, односно избор на претседател на Собранието, и за таа точка ќе мора да има дебата. Тој ги замоли пратениците да се откажат од дискусија за да може да се премине на наредна точка од дневниот ред, но рече дека не може да им го ускрати правото на дискусија. Вељаноски рече дека и продолжување на седницата по 18 часот нема ништо да реши.