ВМРО-ДПМНЕ - Деблокирање на државата со одржување на нови избори

Архива - Седиштето на ВМРО ДПМНЕ

Локалните избори заедно со новите парламентарни ќе се одржаа на 7 или најдоцна до 14 мај доколку на лидерот на СДСМ Зоран Заев не му беше поважна тиранската платформа, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека на таков начин граѓаните директно ќе кажеле што мислат за редефинирањето на државата и за платфрмата, а Македонија ќе излезела од кризата.

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски истакна дека „Заев и криминалното раководство на СДС ја одбраа тиранската платформа како надеж дека ќе формираат влада и ќе се спасат од кривична одговорност, наместо да се одлучат за почитување на волјата на народот и деблокирање на државата со одржување на нови избори“, рече Илиоски.

СДСМ во соопштение истакна дека нови парламентарни избори нема да има и оти ќе биде избран нов претседател на Собранието кој ќе отвори пат за избор на нова влада. Оттаму наведуваат дека не постои никаква тиранска платформа, туку дека има програма на новата реформска влада.

Ставот за одржување на нови брзи избори паралелно со локалните претходно го повтори и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

„Македонија се соочува со период којшто е карактеристичен по тоа што се наоѓа по избори, со една голема изборна измама. Луѓето се чувствуваат измамени. Имаме период во којшто без малку 60 дена илјадници граѓани се на улица протестирајќи против изборната измама. Оние партии коишто ја направија оваа измама предводени од СДСМ очигледно се уште не можат да го препознаат револтот на граѓаните и незадоволството. Со овие протести се бара таа изборна измама да се тргне од маса“, изјави Груевски при денешна посета на Волково.