Трамп го заострува тонот против Северна Кореја

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп бара поцврста акција против Северна Кореја

Американскиот претседател Доналд Трамп го повика Советот за безбедност на Обединетите нации да подготви поостри санкции против Северна Кореа која продолжува да изведува ракетни и нуклеарни проби. Тој притоа оцени дека е неприфатлива статус кво ситуацијата во врска со ова прашање.

Претседателот Трамп го покачи влогот околу Северна Кореја, кажувајќи им на членовите на Советот за безбедност на Обединетите нации кои во понеделникот ја посетија Белата куќа дека е време за нови санкции против Пјонгјанг поради неговата нуклеарна програма.

„Ова е вистинска закана за светот, сакале ние да зборуваме за тоа или не. Северна Кореа е голем светски проблем и тој треба конечно да го решиме“.

Оценувајќи и дека одговорот на Светската организација на неодамнешниот напад со хемиско оружје во Сирија бил „разочарувачки“, Трамп изјави дека на Обединетите нации им се неопходни големи реформи.

Тој повтори дека смета оти Светската организација иако има огромен потенцијал не е на висината на задачата.

„Едноставно не гледам дека Обединетите нации решаваат конфликти“, рече Трамп кој во врска со Северна Кореја бара акција и од Конгресот.

Имено, државниот секретар Рекс Тилерсон и секретарот за одбрана Џим Матис в среда ќе имаат редок состанок во Белата куќа со сите 100 членови на Сенатот на кој ќе брифираат за Северна Кореја.

Во текот на изминатиот викенд Пјонгјанг продолжи да им се заканува на Соединетите држави наведувајќи дека ќе го потопи американскиот носач на авиони „Карл Винсон“ кој сега плови кон Корејскиот полустров.

Во саботата пак, Северна Кореја уапси уште еден американски државјанин во момент кога тој сакал да ја напушти таа земја со што се продлабочија тензиите меѓу двете страни.

Во меѓувреме се шират наводи дека Северна Кореја се подготвува да изведе уште една нуклеарна проба, шеста по ред, што беше причина и за телефонскиот разговор меѓу Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг.

Притоа кинескиот претседател им порачал на сите страни да покажат воздржливост, додавајќи дека Пекинг ќе и се спротивстави на секоја акција која нема да биде одобрена од Советот за безбедност на Обединетите нации.