Новиот Клинички центар во Скопје во вредност од 72 милиони евра ќе го градат градежните компании „Гранит“ и „Бетон“ во соработка со една италијанска компанија. На прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров посочи дека оваа понуда била избрана како најприфатлива и дека изборот е направен со одобрување од стручен тим од Банката за разво на Советот на Европа.
„Потпишувањето ќе биде по доставување на валидната банкарска гаранција од понудувачот за квалитет на изведбата во вредност од 10 проценти. Рокот за завршување на градбата на новиот Клинички центар е предвиден за 45 месеци“ изјави Тодоров.
Инаку, во дел од медиумите беше објавено дека италијанската фирма ИНСО Системи, која е носител на концорциумот со Гранит и Бетон за тендерот, во последните години работела со загуба, што било спротивно на условите од тендерската документација.
Според ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на изборите во 2014 година изградбата на Клиничкиот центар требаше да биде готова годинава. Поранешниот премиер Никола Груевски тогаш со министерот за здравство Никола Тодоров најавија дека до 2017 година ќе биде завршена изградбата на Клинички центар. Новиот рок што го најави техничката влада за изграба на Клиничкиот центар е речиси 4 години.
Во планираниот нов објект на Клиничкиот центар во Скопје ќе бидат лоцирани сите клиники освен Клиниката за инфективни болести, Клиниката за детски болести, Стоматолошката клиника и Клиниката за максилофацијална хирургија, кои ќе останат во постојните објекти. Во комплексот требаше да се изградат и две катни гаражи, кои до денешен ден не се изградени. Идејниот проект го изработи италијанската фирма „Арен С.Р.Л.“ од Торино, додека подготовката на останатата проектна документација се одолговлекуваше подолг временски период.
Инаку градежната компанија Гранит АД – Скопје е најголемиот добитник на јавни набавки и има склучено 6 договори со македонските институции во вкупна вредност од речиси 54 милиони евра од кои четири со ЈП за државни патишта за санација и рехабилитација на патишта и мостови. Додека на листата топ 5 добитници на тендери е и Бетон, компанија која минатата година инкасирала од државата 24 милиони евра.