Со магионичарски трик, Врховниот суд му ги врзува рацете на Специјалното јавно обвинителство со тоа што му ја отежнува судската постапка, индиректно му го наметнува јавниот обвинител Марко Зврлевски за контролор и дополнително се обидува предвремено да го заврши мандатот на СЈО. Вака поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев ги објаснува правните лекови, односно правните реферати за кои ќе одлучуваат врховните судии на затворена седница.
Станува збор за прашањето кој е надлежен за поднесување барање за заштита на законитоста и дали незаконски прислушуваните разговори можат да бидат употребени во судска постапка, во ситуација кога веќе Основниот суд Скопје 1, а потоа и Апелациониот суд Скопје, ги прогласија за невалидни докази во постапките.
„Ова е еден магионичарски трик, да се уфрли проблемот на општа седница и да се издејствува нешто што не држи. Ако се усвои дека само Јавниот обвинител на Македонија може да поднесе барање за заштита на законитоста, тогаш очекувајте дека тоа ќе биде нарушување на системот на работата на СЈО и наредни денови ќе треба да го затворите, нема друг спас“, вели Илиев.
Новата опструкција на листата со која ќе се соочи СЈО е обидот да се постави Јавниот обвинител за единствен надлежен за барањето за заштита на законитоста што значи дека тој ќе може во кој било дел од постапката на СЈО да ги врати неколку чекори назад и во основа да го минимизира неговиот мандат, објаснува Илиев.
„Јавниот обвинител може кога сака да поднесе барање, вонредниот правен лек, барање за заштита на законитоста не е врзан за рок, тоа може да се поднесе и по сто години пред судовите. Такви барања на пример имаме поднесено и во постапките за Ченто и за постапките за градоначалникот на Велес од 1945 година и така натаму, предмети кои Врховниот суд пред 6 или 7 години ги решаваше. Целта на тој правен лек му е во правниот поредок да се отстрани сè што е незаконско. Ако се донесе мислење дека само Јавниот обвинител е надлежен за тоа правно средство, тоа ќе значи почитување на таа одлука од пониските судови и СЈО нема да може да мрдне согласно процедурата за која е надлежно“, вели тој.
Во однос на второто прашање за употребата на прислушуваните разговори, Илиев смета дека работата непотребно се комплицира, а со тоа и се отежнува постапката на СЈО. Ако Врховниот суд се произнесе позитивно по ова прашање, односно судиите донесат одлука дека бомбите не може да се користат како докази во кривичната постапка, тогаш на некој начин предвремено му завршува мандатот на СЈО, вели Илиев.
„Да, така е. Ќе нема што да бара СЈО. Ако прислушуваните разговори не се доказ, тогаш не знам зашто е донесен законот за СЈО кое во своето име го содржи ја содржи надлежноста - јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации. СЈО во оваа ситуација може прислушуваните разговори да ги користи како индиции, ама ако произлезе дека од неколку индиции се формира доказ тогаш ќе има проблеми во процедурата. Во кривичната постапка, индициите некогаш стануваат доказ, неколку индиции значат некаков факт и во оваа ситуација одредени факти во постапката нема да може да ги третира како факти“, објаснува Илиев.
Тој смета дека употребата на прислушуваните разговори се недозволени само ако се прибавени на незаконски начин. А во конкретниот случај има укажување дека тие се снимени од овластен орган, од УБК, што на некој начин не се само доказ, туку и служат за извршување на некои кривични дела, смета Илиев.
Дополнителен сомнеж врз целава ситуација фрла тоа што општата седница на која ќе одлучуваат судиите е зад затворени врати, далеку од очите на јавноста, без вклученост на професори по таа материја, иако претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски најави поголема транспарентност и отворање на вратите на судот за јавноста.
Врховниот суд сè уште не ги објави правните реферати кои се ставени на општата седница за разгледување. Сè уште не е закажано продолжението на таа седница, велат од Врховен суд.
Ако се погледне временската рамка, рефератот за надлежноста на вонредниот правен лек – барање за заштита на законитоста следува откако Јавното обвинителство предводено од Марко Зврлевски побара од Врховниот суд преиспитување на мерката притвор за Сеад Кочан, кој се бара со меѓународна потерница и е во бегство, а е осомничен во предмет на СЈО именуван како Труст.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева го спори таквото барање и соопшти дека го повлекува, затоа што, според неа, оваа е мешање во нејзината надлежност. Таа побара изземање на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски од одлучување по овој предмет, повикувајќи се на тоа дека и неговиот глас е забележан во јавно објавените прислушувани разговори. Нејзиното барање, според вообичаената пракса, беше одбиено. Одбраната на сите осомничени во предметите на Специјалното јавно обвинителство, кој во јавноста е познат како специјалниот адвокат Никола Додевски, е подносител на иницијатива до Основниот суд Скопје 1 со која се донесе одлуката прислушуваните разговори да не се третираат како докази во судските постапки.