Претседателот на ДУИ Али Ахмети по денешната средба со поранешниот премиер и шеф на шведската дипломатија, Карл Билт во партиското седиште во Мала Речица рече дека сите треба да се однесуваат одговорно. Тој нагласи дека ДУИ ги извршиле своите обврски за формирањето мнозинство, ја дале поддршката и правеле напори да се надмине кризата.
„Меѓутоа главната одговорност паѓа на големите македонски политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие треба да се надминат себе си и да го стават интересот на државата пред се“ рече Ахмети.
На прашање дали е предвидено одржување лидерска средба, Ахмети рече дека нема никакви најави за одржување средба во таков формат.
Тој како гласини ги оцени информациите дека за време на Велигден требало да има средба со СДСМ и дека планирале во Собранието, без учество на ВМРО-ДПМНЕ, да изберат собраниски спикер.
„Тоа е тежок процес и треба внимателно да се однесуваме кон овој процес, но знаете дека Собранието деновиве не работеше поради празниците“ рече Ахмети, додавајќи дека немаат ништо друго што би можеле да направат.