Турција по референдумот пред нови поделби

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Турција пред големи поделби по референдумот

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган почна да ја поставува неговата стратегија за земјата откако објави „чиста победа“ на референдумот за уставни промени кои му даваат пошироки овластувања. Централната изборна комисија потврди дека 51,3 насто гласале за промените со кои Ердоган останува на власт до 2029 година.

По пребројаните 99 насто од гласовите, Изборната комисија соопшти дека скоро 25 милиони гласачи го поддржале референдумот, додека нешто над 23 ипол милиони биле против. Конечните резултати се очекуваат за десетина денови.

Претходно турскиот претседател Ердоган соопштувајќи ја победата рече:

„Ви посакувам се најдобро за резулатите од денешниот референдум за уставни промени. Нашата исклучителна нација уште еднаш излезе на избирачките места со зрелост и го изрази своето мислење за уставните измени прифатени од парламентот“.

Ердоган веднаш изрази подготвеност да организира нов референдум за повторно воведување смртна казна.

„Ако опозицијата поддржи повторно воведување на смртната казна, јас тоа ќе го одобрам, а ако не сака, тогаш ќе организираме нов референдум“.

Оваа казна е укината во 2004 година поради кандидатурата на Турција за прием во Европската унија.

Западните земји изразија загриженост од промените, оценувајќи дека му се даваат преголеми овластувања на претседателот.

Поддржувачите на Ердоган пак, сметаат дека тоа е неопходно за стабилизирање на ситуацијата во земјата која се соочува со напади од курдските бунтовници и милитантите на Исламската држава.

„Овој референдум ги обедини луѓето повторно“.

„Рефрендумот е пресвртница во турската историја. Турција наскоро ќе тргне напред“.

Од друга страна лидерот на најголемата опозициска Републиканска народна партија Кемал Киличдароглу изјави дека резултатите се доведени под прашалник по одлуката на Врховниот изборен одбор да ги признае како важачки гласачките ливчиња кои немаат службен печат на избирачкото место.

Дел од аналитичарите сметаат дека ова покажува оти на Турција и престојат тешки денови со оглед на големата поделеност на општеството.

Серкан Демирташ, шеф на бирото на весникот „Хуријет“ во Анкара вели:

„Од фактот што резултатите се толку тесни, можеме да видиме колку е поделена земјата. Ова е еден од најважните референдуми во Турција за иднината на оваа земја, како ќе биде раководена. Но резултатите ни покажаа дека нема јасно мислење за тоа“.

Со уставните промени, се укинува премиерската функција, а извршната власт се префрла кај претседателот.