Турција пред историски референдум

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Поделена Турција пред историски референдум

Постојат само две опции. „да“ или „не“. И за над 55 милиони турци кои ќе гласаат в недела влогот е висок. Референдумот би можело да ја донесе најголемата промена на турскиот политички систем од формирањето на модерна Турција пред скоро еден век. Станува збор за замена на парламентарниот со претседателски систем.

Прашањето на ливчето е за промена на Уставот, но преку него се наѕира ликот на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Доколку референдумот успее, тоа ќе му овозможи да остане на власт до 2029 година со многу пошироки овластувања отколку сега.

Оние што водат кампања против референдумот, предводени од најголемата опозициска Републиканска народна партија велат дека со уставните промени се бришат сите контроли на влијанието на Ердоган со што Турција влегува во авторитаризам.

Лидерот на оваа партија Кемал Киличдароглу вели:

„Еден човек ќе решава колку министри ќе има во кабинетот. Еден човек ќе решава што тие ќе прават. Еден човек ќе решава за бројот на заменици и нивните должности. Парламентот ќе биде целосно заобиколен“.

Од друга страна претседателот Ердоган ги отфрла ваквите наводи на Киличдароглу:

„Тој инсистира на владеење на еден човек. Каков еден човек? Прочитајте ги 18 членови, ќе видите дека нема ништо такво. Ако партиски лидер и претседател истовремено е владеење на еден човек, тогаш тоа беше и Кемал Мустафа Ататурк“.

Ердоган ги искористи бомбашките напади од милитантите на Исламската држава и курдските бунтовници, како и неуспешниот државен удар во јули лани да ја наметне потребата од поцврсто лидерство во земјата.

Анкетите покажуваат дека 51 насто ќе гласаат за промени на Уставот, но аналитичарите оценуваат дека резултатот можеби нема да биде онаков каков очекува Ердоган.

Главна несигурност претставуваат гласовите на курдите кои се петина од населението во Турција.

Инаку, референдумот ги доведува под прашалник и натамошните односи на Турција со Европската унија, бидејќи неколку европски земји забранија митинзи на турски министри што предизвика остра реакција од Анкара.

Турците кои живеат надвор од земјата го завршија гласањето во минатата недела, а нивните гласови ќе бидат пребројани откако в недела ќе заврши изјаснувањето во Турција.