Американско - руските односи и натаму затегнати

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон и рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров на прес конференција во Москва

Се менува ли курсот на надворешната политика на новиот американски претседател Доналд Трамп? Ова е дилемата која се поставува по ненадејното затегнување на односите меѓу САД и Русија поради нивните спротиставени ставови околу нападот со хемиско оружје во Сирија и улогата на сиријската влада

пишува Алан Крозби

Руско-американските односи остануваат затегнати по посетата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на Мосkва. Двете светски велесили и по тет-а-тет средбата на Тилерсон со неговиот руски колега Сергеј Лавров и со претседателот Владимир Путин остануваат на спротиставени страни околу сиријскиот конфликт по нападот со хемиско оружје. САД ја обвинуваат сиријската влада, а Русија застанува во нејзина одбрана и тврди дека нападот бил лажен и изрежиран, најавувајќи и други такви лажни напади.

Наместо оптимистички изјави за соработка, функционери и од руска и од американска страна изјавија дека односите се влошени. Путин непосредно пред средбите истакна дека врските и довербата меѓу двете страни, особено за воената соработка, е опадната откако е на власт Доналд Трамп.

Неочекуваната тензија и заладување во односите меѓу Путин и администрацијата на Трамп, политичка приказна која до сега се одвиваше како бајка меѓу блиски пријатели, кај многумина го покрена прашањето дали се на повидок промени во надворешната политика на САД, барем онаква како што ја најавуваше новиот американски претседател.

Весникот Њујорк Тајмс пишува дека со драстично влошените односи меѓу Вашингтон и Москва прашањето е како САД ќе добијат руска поддршка во борбата против милитантите на Исламската држава во Сирија.

„Посетата на Москва на државниот секретар Тилерсон беше дополнителен доказ колку ниско се паднати руско-американските врски. Едно клучно прашање е дали заладувањето во врските ќе го отежни обидот на Трамп да ја вклучи Москва во борбата да се совлада Исламската држава во Сирија. Соработката на овој фронт секогаш беше под знак прашалник, но сега изгледа невозможна“, пишува Њујорк Тајмс.

Тилерсон остро го критикуваше сиријскиот претседател Башар ал Асад за повеќе од 50 напади со хемиско оружје во државата за време на шестгодишната војна, додека пак Лавров го осуди американскиот напад на воената база како неправеден напад врз Сирија и истакна дека мора да се спречат вакви активности во иднина. Аналитичарите велат и кај Трамп се гледа намален оптимизам за можноста за подобрување на врските меѓу САД и Русија.

„Двете страни се однесуваат како да си должат нешто една на друга. Сега се однесуваат како никој никому да не должи ништо“, изјави аналитичарот Александар Баунов од московскиот центар Карнеги во изјава за „Гардијан“.

Путин и Тилерсон на церемонија за потпишување на договор меѓу Роснефт и Ексон Мобил, архивска фотографија

Голем број светски аналитичари коментираат дека нападот на САД во Сирија претставува клучна промена во политиката на САД, неочекуван чекор кој на големо ги изненадил и Русија, но и целиот свет. Она што дополнителни предизвикува дилеми за промена на курсот на САД е и изјавата на Трамп дека НАТО сега уште поактивно ќе се бори со тероризмот, изјава која е целосно спротивна од досегашните негови коментари дека Алијансата е веќе непотребна. Марк Галеоти од Институтот за меѓународни односи во Прага, вели овие американски активности ги збунуваат руските власти, кои верувале дека точно знаат во која насока се движи американската надворешна политика.

„До сега, тие [Русија н.з.] се потпираа на фактот дека тие ја имаат улогата на непредвилива страна бидејќи чувствуваа и тоа основано, дека ги имаат препознаено вистинските црвени линии на американската политика и знаеа како САД ќе изреагира. Одеднаш сега се наоѓаат во спротивна улога и искрено не знаат што да прават“, вели Галеоти.

Според Џефри Манкоф, заменик директор на руската и евроазиската програма во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, непредвидливоста на американската надворешна политика под палката на Трамп може да доведе до уште подлабоки проблеми меѓу САД и Русија. Според него, особено опасно би било ако дојде до директен руско-американски судир, земајќи го предвид военото оружување на двете страни.

„Иако мислам дека таков судир не е веројатно, сепак, тоа е нешто кое се врти низ главите на сите оние кои ја разгледуваат оваа врска [меѓу двете држави]“, вели Манкоф.

Иако за време на претседателската кампања, а потоа и по изборот на Трамп во ноември Русија и САД беа слаткоречиви една кон друга и се најавуваше нова ера во односите меѓу овие две светски сили, сепак изјавите по средбите во Москва и инцидентите во Сирија покажуваат дека новата пријателската врска се соочува со својата прв посериозна криза.