Собранието и денеска го заврши продолжението на конститутивната седница во 18 часот, а како што најави претседавачот со седницата, Трајко Вељаноски со работа ќе продолжат по Велигден, во вторник. Денешното продолжение помина во реплики и контрареплики на говорот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија и во процедурални забелешки.
Ова беше 12 ден од продолжението на конститутивната седница. Од СДСМ продолжија да бараат од Вељаноски, како што велат, да ја одблокира институцијата и да се премине на следната точка за избор на претседател на Собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со тоа им се скратува дебатата за оваа точка, избор на членови на Комисијата за избори и именувања и побараа од СДСМ да се откажат, како што велат, од тиранската платформа.