МВР - осомничениот за кражбата во НЛБ е во притвор

Илустрација.

Полицијата го приведе и со кривична пријава го предаде на Основното јавно обвинителство Б.С. (40) од Скопје кој завчера изврши грабеж во НЛБ Банка во Скопје. Судијата на претходна постапка на Б.С. му определил мерка притвор од 30 дена.

Тој се сомничи дека како трезорист во НЛБ Банка во повеќе наврати извршил кривично дело „затајување“, предвидено и казниво по член 353 од Кривичниот законик, со што противправно се стекнал со имотна корист од 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра, износ со кој ја оштетил НЛБ Банка.

Како што информираат од МВР, Б.С.како вработен на работно место трезорист во Служба за трезорско работење искористувајќи згодна прилика и познавајки го процесот на работа, во време кога во трезорот имало намалена френквеција на вработени лица, незабележан од никого во периодот 6 април до 10 април 2017 година ги присвоил за себе горенаведените парични средства.

На 10 април 2017 година, соочен со фактот дека е невозможно да изврши раздолжување со настанатиот кусок на парични средства присвоени од негова страна, свесно извршил дополнително присвојување на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор, при што истите ги ставил во украсна ќеса и околу 13 часот незабележан од никого ја напуштил НЛБ Банка упатувајќи се во непознат правец.

Од страна на одговорни лица од НЛБ Тутунска банка настанот е пријавен во Единицата за известување и команда, а од страна на полициски службеници од единицата АЛФА, Б.С. е пронајден и лишен од слобода.

Врз основа на издадени наредби за претрес на дом и други простории од страна на Основен суд Скопје-1 Скопје и извршени претреси на локации во Скопје, како и извршени разговори со одговорни лица во НЛБ Тутунска банка АД Скопје и други вработени лица во банката, обезбедени се писмени докази кои укажуваат на свесноста и намерата на пријавениот да го изврши кривичното дело.