САД и Русија ги контролираат тензиите

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Тензиите меѓу САД и Русија нема да излезат од контрола

Тензиите меѓу Соединетите држави и Русија, според официјален Вашингтон, нема да излезат од контрола по минатонеделниот амеркански ракетен напад врз една сириска воздухопловна база. До овој удар дојде откако сириските власти беа обвинети за хемискиот напад во кој загинаа 87 луѓе.

Американскиот секретар за одбрана Џим Матис изјави дека нападот бил со цел да ја одврати Сирија да користи хемиско оружје при што во врска со сегашните тензии меѓу Москва и Вашингтон оцени:

„Нема да излезат од контрола. Државниот секретар Тилерсон е во Москва. Ние одржуваме коминикација со руската војска и преку дипломатски канали. Нема да излезат од контрола“.

Секретарот Матис додаде дека Пентагон испитува дали Русија одиграла некаква улога во минатонеделниот смртоносен хемиски напад во Сирија, но како што изјави, досега било утврдено оти зад нападот стоел само сирискиот режим на претседателот Башар ал Асад.

„Беше многу јасно дека режимот на Асад го планирал, го оркестрирал и го извршил нападот и повеќе од тоа не можам да кажам сега. Го знаеме само она што сега ви го кажав“.

Матис притоа потсети дека Асад користел хемиско оружје неколку пати во изминативе неколку години со што го прекршил меѓународниот закон со кој се забранува негова употреба од 1925 година.

Секретарот Матис прецизира дека главна цел на Соединетите држави во Сирија е борбата против милитантите на Исламската држава.

„Се на се токму сега американците ставаат многу јасно дека ИД е во нашиот фокус и оти нашата кампања во Сирија е дизајнирана против ИД и нејзин пораз“.

Инаку, рускиот претседател Владимир Путин во вторникот изјави дека Русија добила разузнавачки податоци за, како што рече, „планирани провокации со хемиско оружје“ за што би била обвинета сириската влада.

Тој притоа додаде дека ваквите обвинувања го потсетуваат на Ирак во 2003 година каде што никогаш не било пронајдено оружје за масовно уништување.

Во меѓувреме Советот за безбедност на Обединетите нации треба да гласа за резолуција со која се покренува независна истрага за хемискиот напад врз сириски цивили во минатата недела.

Во нацрт резолуцијата се бара со заедничка истрага на ОН и Организацијата за забрана на ширењето на хемиско оружје да се утврди кој е одговорен за нападот.