Коѕиас: Не можете во ЕУ со иредентизам кон Грција

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас

Македонија не може да стане дел од Европската Унија се додека покажува иредентистички тенденции кон Грција околу спорот за името, порача грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас. Коѕиас за време на говорот за грчката надворешна политика во Стопанската комора на Атина, посочи дека „иредентистичките тенденции на Македонија“ значат и обид за преиспитување на постоечките граници.

„Проблемот за името не постои бидејќи имаме кавга за нечие крштевање, туку затоа што ова име се поврзува со иредентизам, а иредентистичките тенденции значат и оспорување на границите на еден регион. Не може во современата Европа како член на ЕУ да се интегрира држава која има такви иредентистички тенденции“, изјави Коѕиас.

Според Коѕиас, проблемот и на Македонија е непостоење на култура на компромиси и кон соседните држави и внатре во самата држава.

„Оној кој не сака со Грција да разговара за суштинско решение за спорот за името е истиот оној кој одбива на мнозинството во Собранието во Скопје да му ја даде можноста да формира влада каква што сака“, додаде грчкиот министер.

Покрај острата критика за спорот за името и проблемите со демократијата во Македонија, Коѕиас посочи дека врските меѓу двете држави се засилени преку мерките за градење доверба.