СЕММ реагира поради повиците во медиумите за мобилизација

Совет за етика во медиумите во Македонија, лого.

Советот за етика во медиумите (СЕММ) излезе со соопштение во кое се наведува дека се зачестени случаите на злоупотреба на одредени медиуми, особено, како што наведуваат , во контекст на сегашната политичка ситуација, за ширење шпекулации, пропагандизам и невистини, кои би можеле да ги засилат тензиите и да доведат до потенцијални немири во општеството.

- Особено загрижувачки е начинот на информирање на медиумите во кои што се забележуваат новинарски извештаи со еднострано информирање и информации што ги подгреваат стравувањата за можни немири во општеството, содржејќи повици за мобилизација на граѓаните во служба на одбрана на интересите на определени политички партии, велат од СЕММ.

Потсетуваат дека медиумите не смеат да бидат злоупотребени за пренесување повици за обединување поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството, а особено на член 10 од Кодексот, според кој „новинарот нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа“.