ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори жестоко и соодветно доколку СДСМ се обиде на неделовнички начин да назначи претседател на Собранието, а и народот нема да остане со скрстени раце, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
“Доколку СДСМ влезе во сценарио на неправно, незаконско, недемократско и неделовничко однесување во Парламентот треба да знае дека ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира остро, а треба да очекува дека и народот во Македонија ќе има сериозна реакција, според она што можеме да го видиме деновиве. Тоа би било голема грешка на СДСМ во правец на нарушување на деомократијата и стабилноста во Република Македонија”, рече Груевски.
Тој ова го изјави денеска по посетата на новата спортска сала во Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Го предупредувам Заев да не си поигрува со демократијата во Македонија и со народот, бидејќи оваа држава не е негова, туку е на народот, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Никола Груевски мора да прифати дека постои ново парламентарно мнозинство кое е во процес на формирање на новата реформска Влада според мнозинската воља на граѓаните, реагираше СДСМ преку писмено соопштение. Тие посочуваат дека се лажни тврдењата за наводни дестабилизации, федерализации и оти тоа нема да ја смени реалноста.
Според партијата, Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ не смеaт да поттикнуваат, како што пишуваат насилство врз мнозинството од граѓаните и парламентарното мнозинство, поради заштита од одговорност за своите криминали.
“Брзо ќе има нов претседател на Собранието и нова реформска Влада на граѓаните на Р.Македонија формирана според Деловникот на Собранието, Уставот и законите на Република Македонија”, наведуваат од СДСМ.
За утре во 11 часот е закажано продолжението на конститутивната седница на Собранието. Во четвртокот СДСМ побараа поддршка од десет пратеници за да преминат на точката избор на претседател на Собранието, што не беше прифатено од претседавачот со конститутивната седница Трајко Вељаноски и од ВМРО-ДПМНЕ. Тие велат дека според деловникот прво треба да се заврши со третата точка на дневниот ред, изборот на членовите на Комисијата за избори и за именувања. За таа точка беа пријавени 51 говорник, а расправата оди споро поради бројните реплики и контрареплики.