Русија очекува зајакнување на сириската одбрана по нападот

Остатоци од ракета кај воздухопловната база во Сирија врз која беше извршен нападот.

Руското министерство за одбрана соопшти дека сириската воздушна одбрана ќе биде зајакната по американскиот ракетен напад врз воздухопловната база во земјата. Според министерството, ефектот од нападот бил екстремно мал. Портпаролот на министерството, генералот Игор Коншенков изјави дека само 23 ракети стигнале до воздухопловната база, а останатите 36 не е јасно каде завршиле.

Нападот, како што соопштија американските власти, е одговор на смртоносниот напад со хемиско оружје врз цивили што се случи деновиве, а за кој беше обвинета сириската влада. Претходно руските власти соопштија дека рускиот претседател Владимир Путин смета дека американски воздушен напад врз Сирија е акт на агресија против суверена земја.