Опасноста од „патриотски здруженија“ во Македонија

Демонстранти качени на багер, со маички со Тодор Александров, протестираат пред Собранието против договорот за поширока употреба на албанскиот јазик на 30 март 2017

Повелбата на таканаречените патриотски здруженија, според која, тие се подготвени со сите ненасилни или насилни средства да ја бранат Татковината, ги отвора дилемите за нивната легитимност и опасноста од нивното дејствување.

Црните маички, големите крстови на градите, тетоважите и брадите стануваат препознатлив знак на членовите на таканаречени патриотски здруженија кои деновиве се обединија во Македонски национален фронт.

Нивната повелба за стратешка определба во која се вели дека се подготвени со сите ненасилни или насилни средства да ја бранат Татковината, односно националните и државни интереси, ги отвора дилемите за нивната легитимност и опасноста од нивното дејствување.

Правните експерти објаснуваат дека доколку се формално регистрирани, овие патриотски здруженија треба да се испитаат нивните статуси и програми и да се види дали и во нив на формален начин е повреден законот за здруженија и фондации во Македонија.

Нашиот правен систем дозволува таквите здруженија да бидат и неформални, но активни, но во таков случај, доколку постои активно повикување на насилство и кога тоа е насочено против претставници на граѓаните, потребна е соодветна реакција од надлежните органи, објаснуваат експертите.

„Кога постои активно повикување на насилство и кога е насочено против претставници на граѓаните треба да реагираат и МВР и Јавното обвинителство, но треба да се вмеша и Уставниот суд поради тоа што постои опасност од загрозување на уставниот поредок, односно насилно рушење на уставниот поредок. Во ситуацијата не гледаме никаква реакција од никого и тоа ја прави многу релевантна опасноста, бидејќи тие луѓе, гледајќи дека никој не го санкционира она на што повикуваат, можат да се осилат и да се дојде до ситуација на криминални дејанија со многу тешки последици, кога веќе ќе биде задоцнета каква било реакција“, вели професор Мирјана Најчевска.

Љубомир Ѓурчевски, поранешен началник во МВР и магистер по безбедносни науки, вели дека сите овие патриотски здруженија мора многу сериозно да бидат сфатени. Во повеќето од нив препознава членови на некои агенции за обезбедување, за кои вели дека поседуваат огнено оружје, што може да биде опасно ако ситуацијата излезе од контрола.

„Во една држава каде меѓунационалните односи, па и политичките се на стаклени нозе, многу лесно може да дојде до излегување од контрола на вкупната безбедност, а кога тоа ќе се случи може да биде многу доцна. Оваа политичка гарнитура која се уште не ја предава власта, посакува хаос, зошто во тој хаос никој нема да може да спроведе нормални истраги за докажување на криминал“, изјави Ѓурчевски.

Сепак, и покрај тоа што Министерството за внатрешни работи мора превентивно да реагира, сепак голем проблем претставува тоа што и самите полициски службеници во голема мера се партизирале и станале дел од невладините здруженија, велат упатените.

Инаку, над дваесеттина здруженија од повеќе градови од Македонија се дел од таканаречениот „Македонски национален фронт“, а целта на нивното здружување е, како што велат, да се дигне гласот за зачувување на националните и државни интереси во овие тешки времиња за државата.