Уставниот суд ќе оценува дали е уставна законската одредба „посебен интерес“од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Оваа законска одредба дозволува со урбанистичко-планска документација да се градат објекти кои Владата со одлука ќе ги утврди дека се од посебен интерес.
Подносители на иницијативата се неколку невладини организации и граѓани, кои сметаат дека со овој член од Законот се нарушува принципот на поделба на власта и владеење на правото. Според нив, со оваа одредба и се дава можност на Владата без јасно определени критериуми да определува градби од посебен интерес.
На седницата меѓу судиите се постави дилемата зошто во Законот никаде не се дефинира што е „посебен интерес“ и нема јасни критериуми на кој начин се определува. Оттука на Владата и се одврзани рацете се што смета да опредили дека е посебен интерес. Од друга страна пак, некои од судиите сметаат дека Владата има дискреционо право да определи кои објекти се од посебен интерес.