СДСМ се откажаа од репликите на осмото продолжение на собраниската седницата, на која се расправа за составот на собраниската Комисија за избори и именувања, по што дел од пратениците ја напуштија собраниската сала. Во неа останаа пратениците Зоран Заев, Оливер Спасовски, Александар Кирацовски и Фросина Ременски. Другите остануваат во собраниската зграда, но не и во салата. Претходно пратеникот Александар Кирацовски рече дека претседавачот со седницата Трајко Вељаноски носел огромна одговорност поради тоа што работел неделовнички.
„Клучот на оваа разрешница е во Вељаноски и тој ја носи целата одговорност за тоа што се случува денес. Ако работеше строго деловнички на над 99 отсто од пратениците зборот ќе им беше одземен, ќе изберевме претседател на Собранието и ќе дебатиравме за новата влада на Република Македонија“, рече Кирацовски.
Ова е осми ден како трае седницата за избор на членови на Комисијата за избори и именувања. Поради бројните реплики и контрареплики од пријавените 51 пратеник за збор досега завршија само четворица.