Унгарија донесе закон против универзитетот на Сорос

Илјадници студенти на 2 април излегоа на улиците на Будимпешта на протест против носењето на законот

Унгарската влада донесе закон кој може да го принуди ценетиот универзитет основан од американскиот милијардер Џорџ Сорос да ја напушти земјата. Законот, кој беше донесен денеска, предвидува странските универзитети во Унгарија да имаат кампуси и да обезбедуваат слична настава во земјите од кои потекнуваат. Многумина во Унгарија, но и во странство, сметаат дека законот е насочен кон Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, кој националистичката влада на премиерот Виктор Орбан го смета за бастион на либералната опозиција.

Илјадници студенти на 2 април излегоа на улиците на Будимпешта на протест против носењето на законот, а Универзитетот соопшти дека ќе се спротивстави. Американскиот амбасадор во Будимпешта изјави дека Вашингтон е „разочаран со забрзувањето на носењето на законот со кој се таргетира Централноевропскиот универзитет“. Универзитетот е основан во 1991 година и на него студираат повеќе од 1400 студенти од повеќе од 100 земји.