Недозволувањето на парламентарното мнозинство да формира влада не е во согласност во демократските принципи и со Уставот, рече денеска американскиот амбасадор Џес Бејли на одбележувањето на 60-годишнината од основањето на НАТО во Скопје.
„Со нетрпение очекуваме сите партии да ги исполнат сите елементи од Договорот од Пржино. Имаше избори во декември кои беа оценети како кредибилни, пратениците влегоа во парламентот, беше објавено дека е формирано парламентарно мнозинство и мислам дека не е во согласност со демократските принципи и со уставот да не се дозволи продолжување на процесот за формирање влада. Се разбира, на крајот, напредокот во оваа насока зависи од политичките лидери и од граѓаните на Македонија, но тоа е клучно за интеграцијата на Македонија во НАТО и, како што рече и претседателот на Европскиот совет вчера, и во ЕУ. САД продолжуваат да го поддржуваат тој процес и се надеваме на, како што реков, брзо формирање влада која ќе биде посветена на реформската агенда“, рече Бејли.
Тој не сакаше да шпекулира со наредните чекори на меѓународната заедница ако продолжи блокирањето на процесот за формирање влада и нагласи дека решението зависи од македонските институции.
Одговарајќи на новинарско прашање за изјавите на албанскиот премиер Еди Рама и други албански политичари, Бејли повторно ги повика соседите да покажат воздржаност во оваа чувствителна ситуација.