Македонија е на најниско демократско ниво од 2001 година кога земјата се соочи со насилен етнички конфликт. Ова се наведува во денеска објавениот извештај на Фридом хаус „Земји во транзиција“. Во извештајот Македонија и натаму се наоѓа во групата земји со транзициски влади или хибридни режими. Во таа група од регион се уште Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Косово, како Украина и Романија, всушност бележи напредок и од земја со полуконсолидиран авторитарен режим влезе во категоријата хибридни режими. Заедничко за сите земји на Балканот е постепеното нарушување на квалитетот на владеењето. Што се однесува до Србија, таа и покрај прогресот во преговорите за членство во ЕУ забележала најниска оценка за демократијата од 2003 година. Во 22 издание на извештајот се наведува дека победите на популистите во Британија и во САД го потресоа поредокот по Студената војна и ги зголемија страхувањата за нестабилност во Европа и Евроазија. За прв пат досега сега во светот има повеќе консолидирани авторитарни режими од консолидирани демократии.