Вучиќ прогласи победа на претседателските избори во Србија

Српскиот премиер Александар Вучиќ со неговата ќерка на денешното гласање на претседателските избори.

Во Србија денеска гласачите избираа нов претседател на земјата, кој на функцијата ќе го замени Томислав Николиќ. Во игра беа 11 кандидати, а актуелниот премиер Александар Вучиќ освои најмногу од гласовите.

Актуелниот српски премиер Александар Вучиќ прогласи победа на претседателските избори во земјата. Според процените, како што посочи, околу два милиони и 35 илјади гласале за него.

„За нас ова е важен ден и се покажа во кој правец Србија има желба да се движи. Победата е чиста како солза“, изјави тој.

Републичката изборна комисија на Србија соопшти дека според прелиминарните резултати на одработено 1441 избирачко место, односно 16,84 отсто, најмногу гласови добил Вучиќ. За него, според комисијата, гласале 203 892 граѓани или 59,89 отсто.

Центарот за слободни избори и демократија соопшти вечерва дека нема сомнеж оти победник во претседателската трка е Вучиќ. Според податоците на Ипсос Вучиќ освоил 55 отсто од гласовите од одработени 85,7 гласови. На улиците низ неколку градови во земјата веќе се прославува неговата победа.

Околу 6,8 милиони граѓани на Србија имаа право на глас, а во претседателската трка учествуваа 11 кандидати. Од утрово од 7 до 20 часот, српските граѓани гласаат на 8.523 избирачки места во Србија и на 90 во Косово. Вчера на 53 гласачки места во 32 држави беше спроведено гласањето за Србите кои што живеат во странство.

Најголем фаворит, според аналитичарите за наследник на функцијата на претседателот Томислав Николиќ беше токму Вучиќ. Прашање беше само дали Вучиќ ќе биде избран за нов претседател на Србија денеска или по две недели во вториот круг на гласање.

Зад него е кандидатот на граѓанската иницијатива „Србија без страв", поранешниот народен правобранител Саша Јанковиќ, а на третата позиција, според гласовите е Лука Максимовиќ, кој настапува под името на своето алтер его, сатиричниот лик Љубиша Прелетачевиќ - Бели. Зад нив се најде поранешниот шеф на српската дипломатија Вук Јеремиќ.