ДУИ на денешниот состанок на Централното претседателство не донесе одлука за излегување од владата, изјави лидерот на партијата Али Ахмети во партиското седиште во Мала Речица.
Тој го свика Централното претседателство за да дискутираат за решение за излез од политичката криза.Ахмети вели дека партијата се уште нема цврста одлука околу решението за излез од ситуацијата, но според него нови избори не би ја решиле кризата. Ахмети вели дека разговарале дали министрите од ДУИ во владата треба да си дадат оставка.
„Можат да дадат оставки, но нема каде да ги поднесат. Но и да дадат оставки ќе мора да ги извршуваат функциите до избор на нова влада“, рече Ахмети.
Зборувале и за продлабочувањето на проблемот со локалната власт, оти мандатот на градоначалниците им завршува, по што ќе се зголеми бројот на институции кои се блокирани.
„Овој проблем мора да се реши, а за тоа мора да имаме функционално Собрание“, додаде лидерот на ДУИ.
Ахмети вели дека не донеле никакви одлуки на денешната средба, оти мора да се консултираат со експерти за можните решенија. Тој не ја исклучува и можноста за лидерска средба со другите партии. Нова седница на Централното претседателство ќе има за една недела.