Мемети – Функционери шират говор на омраза

Архивска фотогарфија.Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обрати на собраните граѓани пред ДИК

Загрижувачко е засилувањето на говорот на омраза, а особено е спорно што, на протестите пред ДИК, по изборите, таквиот говор доаѓаше од државни и партиски функционери, рече Народниот правобранител Иџет Мемети, претставувајќи го извештајот за состојбите со човековите права и слободи во 2016 година.

Објавувајќи го извештајот за состојбите со човековите права и слободи во 2016 година, Народниот правобранител Иџет Мемети изрази голема загриженост за сè поприсутниот говор на омраза, како во медиумите така и на социјалните мрежи. Навраќајќи се на случувањата по изборите во декември и тензичната атмосфера пред Државната изборна комисија кога протестираа симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, Мемети реагираше дека особено е спорно што тој говор доаѓа од јавни личности, раководители на институции и носители на високи функции.

„Можам и со институции да ги споменам. Јавните изјави на претседателката на Комисијата за верски заедници, изјавите на директорот на архивот на Македонија и изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред Државната изборна комисија. Убеден сум дека ваквите изјави штетно влијаат врз сите сегменти во живот“, изјави Мемети.

Полицијата апси демонстранти на протестите против аболициите на политичари и нивни соработници од страна на претседателот Ѓорге Иванов во центарот на Скопје на 13 април 2016 година

Според истражувањето на институцијата која ги штити правата на граѓаните, изминатата година има стагнација, а во некои области и назадување. Констатирани се 1.523 повреди на човековите права, а како најкарактеристични проблеми се наведуваат и крајно исполитизираните и нефункционални институции од кои некои спроведувале и партиски агенди. Народниот правобранител реагирал и поради малтретирање и нехумано постапување на полицијата на масовните протести на граѓаните против одлуката на Иванов за помилување на поголема група функционери.

„Меѓутоа, нити истрагата ниту собраните докази од наша страна не беа доволни за Македонија да докаже дека има ефективна истрага против полициската бруталност и казнување. Со ова продолжува неказнивоста на полициските службеници, појава која придонесува граѓаните да не се чувствуваат сигурни“, рече Мемети.

Во годината што измина нотирани се сериозни проблеми и поради отсуство на системска здравствена заштита во затворите, проблеми со утврдување и наплатата на радиодифузна такса, вонредно високи сметки за вода и електрична енергија, доцнење на исплатата на социјалната помош, недостатоци на реформираниот пензиски систем, како и неажурирање на избирачкот список, слаб капацитет на ДИК и заплашување на гласачите.

Како што изјави Мемети, загрижувачки се и групните вработувања, било по етничка, било по партиска основа, без анализа на потребите на администрацијата, како и функционирањето на институциите по поставувањето на дополнителните министри.

Сè почести биле и поплаките на граѓаните во однос на проектот Мој термин. Во последните месеци од извештајната година се бележи пораст на смртни случаи на затвореници под сомнителни околности, а голем број граѓани побарале помош поради издавање на вонредни фактури за наплата на вода.