Неколку илјади луѓе и попладнево повторно излегоа на протест на Иницијативата за заедничка Македонија. Со транспаренти „народот врие“ „берете памет“ „штитот е народот“ тие се собраа пред зградата на Владата по што продолжија кон Собранието. И денеска застанаа пред отворената народна канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, му изразија поддршка и му подарија колаж од цртежите на децата чиј мотив беше македонското знаме, а кои ги цртаа викендов во градскиот парк во Скопје. Насобраните ги придружува багер и камион прекриени со македонски знамиња, а пред колоната се движи и автомобил фичо со црвена боја. Во паркот спроти Собранието,пак, ги пречекаа две големи платна на кои пишува „тиранската платформа води кон облекување македонска униформа“ и „не за Талат Џафери, не за УЧК". Демонстрантите вчера го посетија седиштето на СДСМ, а ден претходно седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. За утре повикуваат на масовен собир пред Собранието.