Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска побара од Врховниот суд повлекување на барањето за заштитата на законитоста во врска со притворот на бизнисменот Сеад Кочан. Барањето за заштита на законитоста го поднесе Јавното обвинителство на Република Македонија со кое раководи Марко Зврлевски. Со него се бара да се укине решението за притвор за Кочан кое претходно го донесе Кривичниот суд, а го потврди Апелацискиот суд.
Во денешното соопштение од СЈО, пак, се наведува дека според нивните информации на 27.03.2017 било испратено такво барање до Врховниот суд, но дека согласно членот 5 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, исклучиво надлежно за истражување на таквите дела е Специјалното јавно обвинителство.
„Согласно став 3 од истиот член јавниот обвинител кој раководи со ова јавно обвинителство е овластен да презема дејствија и да застапува по предметите од основните, апелационите судови и Врховниот суд на Република Македонија“ се наведува во барањето што денеска СЈО го испратило до судот.
Јанева повикувајќи се на членовите од законот наведува и дека како јавен обвинител кој исклучиво е надлежен да постапува по предметите од незаконското следење на комуникациите го повлекува барањето што го доставило Јавното обвинителство на Република Македонија.