Вељаноски повика на координација

Претседавачот со конститутивната седница, Трајко Вељаноски ја прекина денешната седница, од еден час, за координација на претставниците на политичките партии. До ова дојде откако координаторот на пратеничката група на Беса, Африм Гаши побара координација, бидејќи како што рече, вака не може да се продолжи.

Вељаноски ги повика претставниците на политичките партии во Охридската сала во Собранието и најави продолжување на седницата во 17 часот и 30 минути.

Претходно седницата беше неколку пати прекинувана и за разлика од вчерашаната седница, денеска во дебата во Собранието се вклучија и пратеници од СДСМ и од ДУИ.

Пратеникот на ДУИ Артен Груби од говорница посочи дека изјавата на албанските парламентарни партии во Македонија е потпишана во Скопје и произлегува од нивните програми и оти не е насочена против унитарноста на државата.

„ДУИ не е против унитарна Македонија и не е за кантонизација или федерализација на државата, а законот за јазиците на е против уставен и произлегува од Охридскиот договор“ изјави Груби.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски побара од говорницата да се објави текстот на законот за употреба на јазици што го утврдиле СДСМ и ДУИ, а потоа да се говори за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието.

„Има луѓе од ДУИ кои потврдуваат дека сите барања за јазикот ги прифатило СДСМ и затоа е донесена одлука за коалицирање, “изјави Димовски.

Пратеничка од редовите на СДСМ, Ивана Туфегџиќ, денеска на продолжението на конститутивната седница на Собранието, рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ свесно прават опструкција на изборот на претседател на Собранието.

„Колеги од ВМРО-ДПМНЕ, сакам да кажам дека кога веќе вашите усти се полни со народот, дебата, парламентарна демократија, требало прво да научите што е парламентарна демократија. Можам да разберам зошто до сега не сте научиле, затоа што никогаш не сте ја применувале“, изјави Туфегџиќ.