Путин му посака среќа на Вучиќ на изборите

Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Москва се сретна со српскиот премиер Александар Вучиќ

Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Москва се сретна со српскиот премиер Александар Вучиќ, при што двајцата лидери ги нагласија блиските односи меѓу двете земји. Истакнувајќи дека во Србија во тек е кампања за претседателските избори, на кои Вучиќ е еден од кандидатите, Путин и „посака успех на актуелната власт“. Вучиќ важи за фаворит на изборите кои треба да се одржат на 2 април. Претходно денеска, портпаролот на Путин, Дмитри Песков, рече дека „не може да стане збор дека Кремљ се меша во изборниот процес“. Вучиќ исто така потврди дека Русија ќе и подари на Србија шест борбени авиони МИГ-29, кои ќе пристигнат во Србија „за неколку дена или за неколку недели“. Русија исто така ќе и подари на Србија и 30 тенкови Т-72 и 30 борбени возила БРДМ-2. Поранешниот националист, а сега проевропски реформатор, се обидува да ја приближи Србија до ЕУ, но и да ги задржи добрите односи со Москва.