Груевски во Истанбул, СДСМ го обвинува за бегство

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на аеродромот во Истанбул

Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски со партиска делегација од денеска ќе присуствува на конгрес на Европската народна партија (ЕПП), кој се одржува на Малта, ни одговорија од партијата откако на фан страната на Фејсбук на емисијата „360 степени“ е објавено видео на кое се гледа дека Груевски се симнува од авион во Истанбул, каде го пречекува македонскиот амбасадор во Турција.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Истанбул го пречека македонскиот амбасадор во Турција, Звонко Муцунски, чие седиште инаку е во Анкара, јавува „360 степени“. Од Министерството за надворешни работи сè уште нема одговор на прашањето зошто амбасадор пречекува лидер на партија на аеродром во Истанбул.

На официјалната интернет-страница на ЕПП може да се прочита дека конгресот на Малта почнува в среда, 29 март 2017 година. Според возниот ред на аеродромот Ататурк во Истанбул, ако Груевски денеска го продолжи патот, треба да слета на Малта во 18:10.

Од емисијата „360 степени“ објавија дека освен лице од протоколот и членови на обезбедувањето, со Груевски нема други познати членови на партијата или од неговото семејството.

Во меѓувреме, од СДСМ со писмено соопштение им порачаа на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да им објаснат на граѓаните зошто Никола Груевски не е во Собранието и ја напушти државата.

„Со денешното бегство од Македонија, Никола Груевски уште еднаш докажа дека не го интересира државата, туку единствено му е важно да избега од одговорност. На денот кога Македонија треба да добие нов претседател на Собранието, Груевски ја напушти државата покажувајќи дека државните интереси му се апсолутно небитни“, се вели во писмената реакција на СДСМ.