Политичкиот екстремизам како одбранбено оружје

Во Европа се присутни дилеми дали континентот ќе продолжи кон патот на либерализмот или ќе се сврти кон екстремизмот. Во Македонија постои политички екстремизам, кој партиите го користат како одбранбен механизам.

За значењето на политичкиот екстремизам во политичките науки, експерти објаснуваат дека тој може да се објасни со ситуации кога една страна или група во општеството поставува нелогични или крајно неприфатливи барања за другата страна или група, кои, пак, можат да бидат во насока на воведување на нов политички систем, односно барања кои можат да го поткопаат уставниот поредок на одредена земја.

Во Македонија постои политички екстремизам, велат нашите соговорници, но дека крајно екстремните групи во земјава се маргинални, бидејќи се во рамки на одредени поголеми политички партии и немаат сила да го преземат управувањето на институциите.

Аналитичарот Исмет Рамадани од Евроатлантскиот совет на Македонија, објаснува дека екстремните барања можат да бидат од национален или од идеолошки аспект, но за појавата на политичкиот екстремизам во Македонија, тој вели тешко може да се постави јасна линија меѓу значењето на десничарскиот или левичарскиот екстремизам, поради коалициите меѓу политичките партии со различна идеолошка матрица.

„Ако ја земеме како пример ВМРО-ДПМНЕ како конзервативна демохристијанска партија, таа е во коалиција со мали екстремно десни партии и со екстремно леви партии, како Сојузот на Титови леви сили или со Социјалистичката партија на Македонија. Од друга страна, во Социјалдемократскиот сојуз работите се малку појасни и таму нема мали или поголеми партии кои се екстремно настроени во однос на идеолошката матрица“, вели Рамадани.

Тој истакнува дека и во албанскиот политички блок, исто така, тешко може да се направи јасна линија меѓу десничарски и левичарски партии.

Политичкиот екстремизам присутен во реториката на десницата во европските земји, се должи пред сè на бегалскиот бран и големите демографски промени што ги направи нелегалната миграција, како и на економската криза којашто неколку години го разорува социјалното ткиво на средната класа во Европа, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија – „Социетас цивилис.“ За разлика од Европа, во Македонија екстремизмот во реториката се должи на длабоко политички причини кои претендираат да станат и етнички, вели тој.

„Во таа смисла нашата политичка култура и комуникација не познава компромис. Политичките лидери кај нас не го признаваат компромисот како победа, бидејќи тие го третираат како губење на дел од своите позиции и во таа смисла реториката и термините коишто се користат, се закопуваат во нивните екстремни ровови и не дозволуваат да бидат пресретнати во една политичка дебата“, вели Трошановски.

За застапеноста на политичкиот екстремизам во Македонија, безбедносниот аналитичар Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност, потенцира дека во моментов во земјава политичките субјекти сè почесто го користат, особено како нивен одбранбен механизам, но и за омаловажување на нивните политички противници.

„Особено ова е изразено меѓу политичките противници на партиите ВМРО-ДПМНЕ од една страна и другите политички субјекти во Македонија, особено затоа што ВМРО-ДПМНЕ, кое се надеваше со своите освоени 51 мандат за новото Собрание да формира Влада, откако тоа не се случи имаме сега од највисокото раководство изрази по овој основ и на тој начин мобилизирање на граѓаните да се стават под своја контрола или во своја сопствена заштита. Секако тоа се прави со единствена цел да се оттргне вниманието на граѓаните од криминалот и од она што се случуваше во Република Македонија,“, вели Марковски.

Македонија - плодна почва за политички екстремизам

Професорот на Правниот факултет на Универзитетот во Тетово, Беким Кадриу, вели дека политичките субјекти во Македонија можат да подбуцнуваат во етничките чувства на одредена група граѓани и со тоа да постигнат одредени политички цели, но според него просторот за тоа сè повеќе се намалува.

„Мислам дека како времето поминува граѓаните се освестуваат и препознаваат вакви случаи кога одредена партија се обидува да ги злоупотреби групните чувства на граѓаните, етнички или верски, и мислам дека тоа созревање на граѓаните ќе има добар ефект во правец да немаат успех ваквите политички влијанија или политичкиот екстремизам“, вели Кадриу.

Рамадани, пак, објаснува дека Балканот е поповолна почва во однос на инциденти и конфликти кои можат да прераснат во воен конфликт, бидејќи идеолошкиот настап во балканските земји веднаш добива етнички пристап и во тие моменти се можни меѓуетнички конфликти.

„Во ЕУ имаме друга ситуација, таму можеме да имаме екстремно десничарски подем, бидејќи го има во Франција, Британија и другите земји, но тие не прераснуваат во конфликти кои можат да бидат вооружени, односно конфликти со последици“, вели Рамадани.

Трошановски смета дека етничките различности по дефиниција би требало да го намалуваат политичкиот екстремизам, особено што на ова поднебје тоа не е резултат на неодамнешен расплет на настаните, како што е случај во Европа, туку е тоа резултат на долгогодишна историја на соживот на различни етнички заедници во регионот.

„Проблемот е повеќе во политичките елити и нивната култура на неприфаќање на компромис и се разбира политичката криза во случајот на Македонија, којашто ескалира на ниво на целосна поларизација на двата табора во земјата, коишто употребуваат многу сериозен говор на омраза, лични дисквалификации, закани со војни и меѓуетнички тензии кои многу тешко се помирливи во една нормална демократска политичка дебата. И оттука, колку повеќе заглавуваме до неа, толку потешко ќе излеземе од истата, бидејќи оваа дебата кај луѓето развива и екстремни недемократски ставови“, вели Трошановски.

Ситуацијата во Европа

Што се случува во Европа по прашањето на екстремизмот? Охрабрени од победата на Доналд Трамп на претседателските избори во Соединетите Држави и од британското гласање за напуштање на Европската унија, крајно десничарските партии во Европа се надеваа дека сега е моментот што треба да го искористат. Меѓутоа, изборниот неуспех на холандскиот антиисламист Герт Вилдерс пак, дава надеж дека екстремистите се уште се соочуваат со отпор кај граѓаните.

Гоце Атанасов

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Подем или пад на екстремизмот во Европа

На изборите во Холандија се гледаше како на своевиден показател на каде оди Европа, ќе продолжи ли по патот на либерализмот или ќе се сврти кон затвореноста во национални рамки и екстремизмот. Тоа пред изборите го порача холандскиот премиер Марк Руте кој употребувајќи спортски речник рече:

„Можете да кажете дека ова се четвртфинални мечеви во обидот да се спречи победата на погрешниот вид популизам. Полуфинални мечеви се и во Франција во април и мај, а потоа е финалето во септември во Германија. Сакам Холандија да биде првата земја која ќе го стопира овој тренд на погрешен вид популизам“.

Изборниот пораз, според Вилдерс, и не бил така голем, кој велејќи дека не разбира што е тоа погрешен популизам порача дека од ден на ден нивното влијание расте не само во Холандија. И додека тој ќе ги чека следните избори, неговите сојузници во Франција и во Германија наголемо се подготвуваат на изборни успеси базирани врз нивната анти мигрантска и анти-Европска унија политика.

Лидерката на Националниот фронт Марин Ле Пен која во април ќе се трка за претседател на Франција вети и излез на Франција од еврозоната и референдум за излез од Унијата.

„Ова сегашно движење на враќање на политиката е резултат од силите што секогаш ги гледаме, од интересот на земјите и од барањето за слобода“.

За разлика од Ле Пен која се надева на победа, лидерката на крајнодесничарската Алтернтива за Германија Фрауке Петри страхува дека до парламентарните избори во Германија наесен нејзината партија ќе ја губи популарноста, главно поради тоа што не е веќе толку изразен проблемот со мигрантите, но и поради повеќето фракции во самата партија.

Јанис Еманулидис, директор во Центарот за европска политика вели:

„Мислам дека за разлика од страхувањата што ги видовме во 2016 по Брегзитот и по Трамп супер изборната 2017 година во Европа може да биде драстично погрешна и да се покаже дека тие страхувања не биле точни. Ги имаме резултатите од Холандија, а шансите на Марин Ле Пен дека нема да стане претседател се многу високи. И во Германија гледаме дека Алтернативата за Германија, крајно десничарска партија исто така не е многу добра во овие денови“.

Некои експерти, пак, сметаат дека корените на екстремниот национализам тешко се искоренуваат и оти секогаш ќе има сили кои ќе сакаат да ги јакнат.

Директорот за човекови права при Обединетите нации Луј Шарбоне предупредува дека кратењето на средствата за Обединетите нации што ги предложи за во наредниот американски буџет претседателот Доналд Трамп може да доведе до зголемување на нестабилноста во светот. „Човековите права се на удар низ светот. Го гледаме тоа. Го гледаме порастот на национализмот и популизмот и многу е битно за Обединетите нации да бидат таму за да ги заштитат обичните луѓе насекаде во светот“, вели Шарбоне.

Европско влијание на Балканот или балканско влијание на Европа?

Таква е ситуацијата во Европската унија, но за тоа колку таа може да влијае врз Македонија и врз регионот Трошановски посочува дека состојбите на Балканот во однос на екстремизмот повеќе можат да се одразат во Европа. Марковски укажува дека случувањата во Европската унија имаат влијание врз Македонија и врз целиот регион.

Рамадани смета негативните појави во Европската унија ги подгреваат екстремните групации во Западниот Балкан, а Кадриу е на став дека ситуацијата во Македонија е ситуација сама за себе.