Собранието в понеделник ќе гласа само за составот на Комисијата

Откако политичките партии се договорија новиот претседател на Комисијата за прашања на избори и именувања да биде од редот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ на прес конференција во Собранието истакна дека одлучиле да го подржат тој избор за да може да почне Собранието со работа.

„Не сакавме Парламентот да биде заложник на политичката криза, изјави Оливер Спасовски од СДСМ.

Тој посочи дека иако постоеја низа неразумни барања, прифатиле претседателот да биде од ВМРО-ДПМНЕ. Спасовски додаде дека во Собранието се можни опструкции, со и без претседател на Комисијата за прашања на избори и именувања, но најважно е Собранието да се стави во функција.

По него прес конференција одржа и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ за кој во дел од медиумите се шпекулира дека ќе биде назначен за претседател на Комисијата за прашања на избори и именувања.

„Во понеделник единствена точка по која Собранието ќе расправа и одлучува е изборот на составот на Комисијата за прашања на избори и именувања. Потоа според процедурата треба да се свика заседание на Комисијата за прашање и именувања, таму да се разгледаат еден, два три, десет или сто, предлози за претседател на Собранието и утврдениот предлог од Комисијата да се достави до претседавачот на конститутивната седница, и тогаш тој ќе може да свика седница за избор на претседател на Собранието, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој не одговори на прашањето дали како партија тие ќе имаат свој предлог за претседател на Собранието.

Димовски изјави дека во Македонија треба многу брзо, односно итно да се одржат заедно локални и предвремени парламентарни избори.

Претходно партиите се договорија за членовите со кои парламентарните групи ќе бидат застапени во неа, односно ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена, СДСМ ќе има пет, а ДУИ и Беса по еден член.