ВМРО-ДПМНЕ: На Хан му кажавме дека ни се мешаат амбасадори

Архивска фотографија: Средба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и Јоханес Хан, комесар за европска, соседска политика и преговори за проширување

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ на еврокомесарот за преговори за проширување му зборувале за „директното мешање на надворешни фактори во создавањето на кризата и за неприфатливата улога и мешањето на неколку амбасадори во процесот на формирање на Владата, соопштува партијата. Еврокомесарот Хан вчера се сретна со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој беше придружуван од Антонио Милошоски, Илија Димовски, Александар Николоски и Христијан Мицковски.

Во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека тие на Хан отворено му зборувале за „улогата на СЈО како политичка испостава на СДСМ и на некои надворешни центри за уцени, притисоци, замолкнување и закана кон политичари, новинари и медиуми, политичката измама со пост-изборното презентирање на платформата од Тирана како документ предуслов за составување на Влада, неприфатливоста на вмешувањето на други држави во внатре-политичките процеси во Република Македонија, свесното кочење и одложување на локалните избори од страна на СДСМ, разочараноста што Европската Комисија не ја осуди платформата, намерата на одредени центри да се скрши и по можност елиминира ВМРО-ДПМНЕ со цел да се редефинира државата со клучна цел да се промени нејзиното име и идентитет“.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека мнозинството од македонскиот народ не може да биде оставено во опозиција и без право да учествува во раководењето и одлучувањето за иднината на својата држава, при тоа почитувајќи го истото право и на сите други граѓани.

ВМРО-ДПМНЕ посочува дека предвремени избори секако ќе има, но колку побрзо се одржат тие, толку подобро за Република Македонија.