"За заедничка Македонија" повторно побараа средба со Хан

Архивска фотографија-предводниците на "За заедничка Македонија", Борис Дамовски, Богдан Илиевски и Игор Дурловски

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ денеска на прес конференција која ја одржаа пред делегацијата на Европската унија во Скопје, повторно побара средба со комесарот Јоханес Хан кој утре пристигнува во Скопје.

“Бараме од комесарот Хан да знае дека не може да се прави есап за народот во Македонија без народот во Македонија и бараме да се сретне со нас за да ги реафирмираме нашите барања кои што се ултимативни и непроменливи“, рече Богдан Илиевски од иницијативата „За заедничка Македонија“.

Тој нагласи дека бараат почит од ЕУ, како еден принцип врз кој почива таа ЕУ, бидејќи, како што рече, никој не смеел да го игнорира народот во Македонија. Илиевски додаде и дека очекува најголема масовност утре и ги повика сите граѓани на денот на посетата на Хан да излезат на улиците и уште еднаш, како што рече, да му повторат и покажат и нему и на домашните политички чинители дека никој не смеел да ги игнорира.

Претходно портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, рече дека Хан, утре нема да се сретне со претставниците на иницијативата „За заедничка Македонија“ бидејќи овојпат комесарот ќе се сретнел само со политичките претставници и неговата агенда не дозволувала повеќе.