Иванов-можно решение се нови избори

Архивска фотографија-Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов

Партиите треба да го бараат решението преку одговорно однесување, а во согласност со Уставот на Република Македонија. Ниту едно решение не смее да го поткопа унитарниот карактер на државата и мора да биде во насока на заштита на државните интереси на Република Македонија. Се разбира, можно решение за надминување на ситуацијата се и нови предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе се изјаснат и за темите кои се наметнаа во постизборниот период, вели претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во интервју за унгарскиот весник „Magyar Hírlap“.

Тој нагласува и дека лидерот на втората партија според бројот на освоени мандати СДСМ наместо во рок од десет дена го известил по 27 дена дека има обезбедено мнозинство во Собранието со поддршка, на како што вели, сите партии на етничките Албанци.

„Од него побарав јавно и јасно да ја отфрли и осуди оваа платформа. Го потсетив дека македонските граѓани на изборите гласаа за реформи, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава. Таквата јавна осуда, за жал, изостана“,вели Иванов.

Тој тврди и дека главната причина за продлабочување на кризата е платформата на партиите на Албанците која станала услов за формирање на влада, и додава, „како Претседател не можам и нема да дозволам тргување со Уставот и државните интереси на Македонија и поигрување со чувствата на македонските граѓани“.

Инаку претседателот Иванов денеска престојува во работна посета на Унгарија, каде во Будимпешта ќе оствари средби со неговиот унгарски колега Јанош Адер, со премиерот Виктор Орбан и со претседателот на Парламентот Ласло Ковер.