Државата е нападната, потребно е народот да ја одбрани, бидејќи може да ја нема ако биде оставена на остварувањето на планот на лидерот на опозицијата Зоран Заев и неговите сценаристи, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју за телевизијата „Канал 5.“
Во пресрет на посетата на еврокомесарот Јоханес Хан во вторник, Груевски побара тој да ја осуди платформата договорена во Тирана, а решението на политичката криза го гледа во брзи парламентарни избори заедно со локалните.
За излез од кризата Груевски понуди и лична жртва, но и политички документ кој бил разгледан од Извршниот комитет на партијата, а треба да биде усвоен во наредните денови.
СДСМ има јасен план, предупреди Груевски, да дојде на власт и законот за двојазичност во Собранието да го донесе на начин со кој ќе му биде ставено европско знаменце, за да се ограничи минутажата и бројот на јавувања на пратениците.
„Иако тој закон не подлежи на европско знаменце, во 2008 година кога е донесен прв пат, немаше европско знаменце (...), бидејќи не спаѓаше во таква група“, рече Груевски.
Тој истакна дека „СДСМ сака тоа да го направи по цена да ги вадат пратениците надвор, по цена да ја внесат државата во огромен хаос, да апсат, да користат полиција за исфрлање на пратениците“, рече Груевски.
Платформата е јасна, рече Груевски, таа се осврнува на името, на грбот, на симболите и на темелите на државата. Тој додаде дека во ситуација на крупно менување на државата, единствено народот може да ја одбрани бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинството во Парламентот, вели тој.
Тој вели дека опозицијата посакува народот да стане аморфна маса, а не народ со национална свест.
Бинационалноста започнува со двојазичноста која води кон федерализација на државата, вели Груевски, тоа одамна е цел на надворешни центри, а клучно е промена на уставното име на Македонија по грчки терк.
„Она што се бара е промена на името по грчки терк и идентитетот на Македонците, водење кон бинационална држава и федерализација, а тоа е последниот чекор пред растурање на државата. Тоа е многу опасна авантура“, рече Груевски.
Груевски, исто така, од ЕУ побара да се почитуваат принципите власта да ја преземаат победничките партии кај Македонците и Албанците на изборите и оти во спротивно може да има проблеми кои ќе и направат огромна штета на иднината на државата.