Изградбата на пристапната улица на кејот е предвидена со деталниот урбанистички план донесен од Општина Центар во 2012 година, а улицата ја гради приватен инвеститор, реагираат властите во Град Скопје отакако беа повикани од градоначалникот на Центар Андреј Жерновски да ја повлечат одлуката за изградба на улицата.
Од Град Скопје на својата веб страница наведуваат дека не се институцијата која ја има вцртано улицата и која ја гради. Оттаму објаснуваат дека станува збор за пристапна улица која според сегашниот ДУП не е подземна, туку е надземна со посебен сообраќаен режим, која ќе биде уредена со плочки.
Претходно, од Општина Центар соопштија дека овластен градежен инспектор од општината издал наредба за запирање на сите градежни активности на кејот, откако вчера се случија незадоволства по започнувањето на изградбата на улица на Кејот „13 Ноември“ која треба да минува кај летните тераси на угостителските објекти.