Општина Центар ги запира градежните работи на кејот

Архива - Градоначалникот на скопската општина Центар Андреј Жерновски.

Решение за стопирање на сите градежни активности на кејот издаде овластен градежен инспектор, соопштуваат денеска од Општина Центар, бидејќи како што велат на градилиштето нема информативна табла кој е инвеститор, изведувач и надзор и нема податоци за одобрена техничка документација и одобрение за подготвителни работи како што пропишува законот, наведуваат од општината на нивната веб страница.

Ваквите информациите доаѓаат откако вчера се случија незадоволства откако беше објавено дека започнува изградбата на улица на Кејот „13 Ноември“, од хотелот „Холидејин“ до новата зграда на „Телеком“ која треба да минува кај летните тераси на угостителските објекти.

Инспекторот излегол на терен по налог на градоначалникот Андреј Жерновски, велат од општината, потенцирајќи дека документацијата треба да биде истакната јавно на градилиштето, а на тоа му недостасувало елаборат и лиценци.

Вчера попладнето се случи собир од околу 50 луѓе вработени и сопственици на локали во ГТЦ во врска со изградбата на улицата на кејот, по што дошло до тепачка меѓу две лица, соопшти МВР.

Оттаму велат дека собирот бил ненајавен, а двете лица од Скопје на возраст од 35 и 50 години го нарушиле јавниот ред и мир откако дошло до недоразбирање меѓу нив и си размениле тупаници во глава и тело.

Претходно од Општина Центар го повикаа и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски да ја повлече одлуката за изградба на пристапната улица кај кејот на Вардар.