Градоначалниците и членовите на советите на општините можат да ги извршуваат своите надлежности до завршување на рокот определен со Изборниот законик, односно до крајот на првата половина на мај, стои во мислењето од Министерството за правда. Ова мислење го побара Минситерството за локална самоуправа заради настанатата ситуација произлезена од немањето услови за распишување на локалните избори во законскиот рок.
- Градоначалници и членовите на советите на општините можат да ги извршуваат своите со закон утврдени надлежности до завршување на рокот определен во Изборниот законик, односно до крајот на првата половина на мај, со цел да се обезбеди заштита на уставно загарантираното право на граѓаните на локална самоуправа преку обезбедување континуирано вршење на надлежностите од органите на општината, се наведува во соопштението од Министерството за локална самоуправа.
Оттаму посочуваат дека Уставот на Република Македонија во членовите 114 и 115 го гарантира правото на граѓаните на локална самоуправа, како и правото на нивно непосредно и преку претставници (членовите на советите), учество во одлучувањето за прашања од локално значење.