Нови 7 истражни и 14 предистражни постапки се отворени во изминативе 6 месеци, со што бројот на вкупно отворените предмети изнесува 68, соопшти Специјалното јавно обвинителство во третиот 6-месечен извештај кој го објави денеска. Во него е наведено дека покрај отворањето на нови постапки, досега отворените се во поодмината фаза, а претходно започнатите предистражни постапки преминаа во фаза на истрага. Предистражните постапки се однесуваат на незаконско следење на комуникации, како и незаконитости во врска со финасирање на медиуми, злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања, злоупотреби на јавни набавки, даночно затајување, перење пари и разни коруптивни дејствија и незаконитости во постапки кои се однесуваат на градежни работи. Во овој шестмесечен период се водат истраги против 50 луѓе, од кои против 15 беа опфатени во претходната година, но сега се проширени истрагите и за други кривични дела.
Досега се сослушани 7 осомничени за кривични дела и 395 сведоци, од вкупно 646 доставени покани за сведоци во предистражни постапки, е наведено во последниот извештај на СЈО.