Нов претседател на Врховниот суд ќе биде Јово Вангеловски, одллучи денеска Судскиот совет на вонредната седница на која за него гласале 12 од вкупно 13 членови. За оваа функција во тесниот круг беа и поранешната претседателка Лидија Неделкова и судијката Беса Адеми и в.д. претседателката Снежана Бајлозова. За Вангеловски ова е втор мандат. Претходно таа функција за извршуваше од 2008 до 2012 година. Неговото име се спомнува и во прислушуваните разговори кои пред две години ги објави СДСМ.
Судскиот совет денеска одлучуваше и за нов вршител на должност претседател на Основниот суд Скопје 1. На тоа столче седнува Стојанче Рибарев, откако неговата претходничка Татјана Михајлова си поднесе неотповиклива оставка.
Претходно претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски изјави дека судиите требало да се воздржат од изјави за да не ја комплицираат и онака специфичната состојба во Основниот суд Скопје 1.
„Хаос е претежок збор, не владее хаос, но има несекојдневни случувања. Тоа е од минатата година. Ние имавме состаноци и средби со дел од судиите и со тогашниот претседател и в.д. претседател. Запознаени сме со некои состојби и затоа повикуваме јавно да се воздржат судиите од давање изјави или од конфронтации, бидејќи сите треба да си ја зачуваат професионалноста и независноста“, изјави тогаш Караџовски.