Одбраната на осомничениот Сеад Кочан вечерва поднесе барање до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје да донесе решение со кое ќе се укине мерката притвор, соопштија од канцеларијата на адвокатот Никола Додевски. Во соопштението е наведено дека и покрај поднесената Ургенција од одбраната, Судот не го достави предметот на осомничениот Сеад Кочан на одлучување до Апелацискиот суд Скопје, по што, по истекот на рокот одбраната презема други мерки.
„Со оглед дека преклузивниот рок во кој Апелацискиот суд беше должен да донесе одлука, истече во 17:20 часот, одбраната веднаш поднесе Барање до Кривичниот совет да донесе решение со кое ќе се стави вон сила Решението за одредување мерка притвор, ќе се укине притворот на осомничениот Сеад Кочан и ќе се прекинат сите дејства преземени од МВР Скопје. Сето ова поради фактот дека Решението не може да произведува правно дејство кога е изминат рокот за донесување одлука по жалбата, а во кој рок предметот не е ниту доставен до Апелацискиот суд, информира Додевски.
Во меѓувреме се уште е на важност меѓународната потерница против Кочан кој е осомничен во предметот Труст на Специјалното јавно обвинителство. Според дел од медиумите Кочан уште во четвртокот ја напуштил земјата, а неговиот адвокат Додевски претходно денеска изјави дека тој не е во бегство, туку бил на службен пат.
Кочан како сопстеник на Фирмата „Трансмет“, заедно со раководителот на „Силекс неметали СТ“ и „Вато ДООЕЛ“ од Студеничани се осомничени во случајот „Труст“ на СЈО дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ од над 17 милиони евра во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Претставници на овие три фирми се сомничат дека со тоа сториле злоупотреба на постапката за јавна набавка.