Повлекувањето на платформата ќе ги смири тензиите?

Архивска фотографија- Средба на претставници на партиите потписнички на платформата

Ако партиите потписнички на платформата одлучат да ја повлечат ситуацијата би можела да се релаксира, оценуваат упатените. Во меѓувреме за смирување на тензиите добро е и партиите да бидат потранспарентни.

Не докрај транспаретната атмосфера овозможува манипулации со полуинформации од сите страни за тоа кој што договорил и прифатил од платформата на партиите на Албанците, а се повеќе се отвора прашањето дали е можно нејзино повлекување или ставање во мирување.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски изрази поддршка на евентуалната влада на СДСМ ако се повлече платформата, таа поддршка нема да помине лесно, но во тој случај топката ќе се префрли кај ВМРО-ДПМНЕ вели Марко Трошановски од Институтот за демократија. Не може да се претпостави што во таков случај би направил претседателот Ѓорге Иванов, додава тој.

„Тогаш варијантата таа влада да биде изгласана во собранието со поддршка и од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде многу помалку политички проблематична и многу полесно ќе биде спроведливо тоа сценарио“ вели Трошановски.

Засега заеднички став нема кај потписници на платформата за тоа дали може да ја повлечат или да ја стават во мирување за да се тргне главниот аргумент поради кој претседателот не го додели мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи реализација

Од ДУИ се на став дека таа не е против Уставот, не го загрозува унитарниот карактер, ниту пак е закана за безбедноста на државата, како што делумно тврдеше Иванов. Од БЕСА велат дека може да се повлечат, но само ако и другите потписнички исто постапат, а од Алијансата за Албанците сметаат дека претседателот ја користел платформата за да се прикрие криминалот што го откривале прислушуваните разговори.

Во меѓувреме и ВМРО-ДПМНЕ останува на истите позиции. Централниот комитет на седницата во вторникот заклучил дека партијата „мора да остане со народот и да продолжи да ги брани државните и национални интереси по секоја цена“, дека не смее да се дозволи реализација и на останатите фази од процесот кои како што пишуваат подразбираат менување на банкнотите, воведување на албанскиот како официјален јазик, кантонизација и федерализација, но и отпочнување преговори за менување на химната, грбот и знамето како вовед во промена на името и идентитетот.

Нема информации, има шпекулации

Од ДУИ кои се поприсутни во јавноста за разлика со СДСМ делумно ги потврдија овие работи. Албанскиот јазик ќе се користи во државните институции и на банкнотите, а Албанец ќе биде претседател на Собранието, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју за агенцијата Ројтерс. СДСМ стојат на ставот дека кога ќе го добијат мандатот ќе го образложат и договорот со ДУИ. Аргументот на СДСМ дека допрва треба да се состави програмата на владата и дека таа ќе биде релевантна за коментирање е во ред, но ова е исклучително чувствителен период, нагласува Трошановски.

„Транспаретноста во насока на обзнанување на што се е договарано и преговарано за таа платформа ќе биде само во насока на намалување на тензиите. Различни информации повторно ќе постојат меѓутоа полето за манипулации значително ќе биде скусено“ вели Трошановски.

Ахмети, пак, предупреди дека политичката криза во Македонија може да се влечка уште со години и дека некои политичари ја користат за да предизвикаат меѓуетнички конфликт. Тој проценува дека ќорсокакот би можел да продолжи и „уште четири години“, за кога се предвидени следните избори.