САД ги повикува сите страни во Македонија да бидат подготвени за компромис и да се формира нова постизборна Влада. Ова денеска од Загреб го порачазаменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји. Тој пораката ја испрати до претседателот на Македонија.
„ Искрено се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на пратениците кои изразија желба за тоа и на партиите што тие ги претставуваат да формира влада што е можно поскоро, бидејќи на Македонија ѝ треба влада која ќе ги продолжи и ќе ги доврши почнатите процеси во рамки на претпристапниот процес на Европската Унија“ – изјави Ји.
Ваквата порака доаѓа денеска, откако претходно претседателот Ѓорге Иванов испрати писмо до меѓународната заедница во кое им објаснува на светските лидери зошто не го дава мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Во писмото тој, како што пишува во соопштението од неговиот кабинет, се обидува да ги запознае светските лидери со актуелната состојба во земјата во пресрет на состанокот на Европскиот совет, на кој една од темите ќе биде и состојбата во Македонија.
Во однос на регионот, Хојт Брајан Ји во Загребистакна дека од клучно значење е да се продолжи со реформите и да се достигнат европските стандарди, за земјите од регионот да продолжат на евроатлантскиот пат.