Претседателот Ѓорге Иванов упати писмо до меѓународната заедница за како што е наведено во соопштението, да ги запознае со актуелната состојба во Македонија. Наместо излез од политичката криза, како што се посочува на почетокот на писмото, албанските партии во Македонија под покровителство на албанскиот премиер создале платформа, која станала предуслов за формирање на влада во земјата.
„Платформата е постизборен документ усвоен во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Реализацијата на платформата подразбира промени во Уставот на Република Македонија со кои би се загрозил унитарниот карактер на државата. Платформата го нарушува Охридскиот рамковен договор, кој ги регулира односите на етничките заедници со државата Република Македонија и нивните меѓусебни односи. Во спротивност со Охридскиот рамковен договор, платформата е дискриминаторска кон другите етнички заедници, бидејќи приоретизира само една заедница. Оваа платформа од Тирана дополнително ја дестабилизира внатрешнополитичката состојба и ги зголемува меѓуетничките тензии во Република Македонија“, се наведува во писмото.
Според Иванов, со начинот на кој е донесена платформата се врши дестабилизација на регионот на Западен Балкан. Тој наведува и зошто донел одлука да не определи мандат за состав на владата, бидејќи како што потенцира, секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста. Според него, платформата го суспендира и Договорот од Пржино во кој Европската Унија го вложи сиот свој надворешно политички кредибилитет.
На крајот Иванов бара од меѓународната заедница да се заложи платформата да биде јавно отфрлена и осудена од страна на Европската Унија и НАТО и нивните земји членки. И да го осудат мешањето во внатрешните работи на Македонија од страна на соседните земји, како и да испратат порака до, како што истакнува, геополитички ранлив регион за неповредливост на границите на Балканот и да ја реафирмираат европската и евроатлантската перспектива на земјите од регионот.
Писмото е упатено до членовите на Европскиот совет, до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, до Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и до претседателот на Соединетите Американски Држави,г Доналд Трамп и до претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.