Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека мешањето на Западот во внатрешните работи на Македонија добива екстремна форма, пренесува МИА.
„На изборите на 11 декември владејачката партија доби мнозинство од гласовите, а опозицијата и покрај сите манипулации и нескриената поддршка од ЕУ и САД, доживеа пораз. Еврокомесарот Јоханес Хан, високиот претставник за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и други претставници на т.н. „просветлена Европа“, продолжуваат бесрамно да вршат невиден притисок врз претседателот Ѓорге Иванов, настојувајќи да и даде премиерски мандат на опозицијата, која ја прифати ултимативаната Албанска платформа“, стои во соопштението на руското МНР.
Според официјална Москва, важно е да се сфати дека мерките формулирани во Тирана подразбираат федерализација на Македонија и фактички водат до подривање на уставниот поредок со крајна цел дезинтеграција на државата.
Македонците треба сами без мешање од надвор да решаваат за својата судбина, порачуваат од МНР на Руската Федерација.